Myth busters: Fitness Edition

fitness-myths

Ако почнавте со подготовки за плажа на време, сега сигурно сте на врвот на програмата – редовно вежбање и здрава исхрана. Бидејќи такви нѐ има многу, одлучивме да „разбиеме“ неколку најчести митови за вежбањето кои ќе ви помогнат со програмата. А бидејќи оние кои не почнаа да се подготвуваат на време ги има уште повеќе, нив овие информации ќе им дојдат уште попрактични 🙂 Време е да направиме мала поделба на советите за вежбање на факти и измислици.

Сѐ со цел вложениот труд да не биде залуден и без резултати направивме мала селекција на најчестите митови околу вежбањето. Доколку се пронаоѓате во некој, менувајте ги навиките по брза постапка!

 

  • МИТ БР. 1: Стомачните се единствениот начин до рамен стомак

Ги знаете оние кои сакаат рамен стомак? (Читај: сите сакаме рамен стомак) но оние нај, нај ентузијастите ќе ги познаете по тоа што знаат да „зајдат“ од стомачни секој тренинг.

Иако стомачните помагаат за зајакнување на мускулите на стомакот, оваа вежба не е доволна сама по себе.  За да го добиете рамниот стомак потребно е да поработите на намалување на мастите во целото тело, а не само во пределот на стомакот.

  • МИТ БР. 2: Колку повеќе време во теретана, толку подобро

Од круцијална важност се паузите со кои ќе ја одморите мускулната група меѓу тренинзи. За добивање на посакуваните резултати и спречување на повреди значајно е да му дозволиме на телото да се одмори од напорното вежбање. Ова важи како и за аматерите, така и за професионалците.

  • МИТ БР. 3: Повеќе потење = подобри резултати

Потењето не е нужен индикатор за успешно вежбање. Сепак, биолошки твоето тело на тој начин се лади и ја регулира телесната температура. Иако неверојатно, постојат ситуации кога согоруваш многу повеќе калории, а не се потиш. Изненадувачки вистинито.

  • МИТ БР. 4: Единствен начин за слабеење е прекинување на внесот на јаглехидрати

Светото тројство на фитнесот се здрава исхрана, тегови и кардио. Секако дека треба да внимаваш што внесуваш, но целосното отфрлање на јаглехидратите нема да помогне во намалување на тежината на здрав начин. А здравјето е пред сѐ!

  • МИТ БР. 5: Болка во мускулите значи успешно вежбање

Сите невистини околу вежбањето носат негативни ефекти, но овој мит дефинитивно предничи.  Иако е нормално на чувствувате болка во мускулите после вежбањето, таа болка во ниту еден случај не треба да е огромна и да ви создава непријатност дури и додека вежбате. Напротив, силна болка додека вежбате може да биде и сигнал дека конкретната вежба не ја изведувате правилно, што често доведува до повреди. Затоа “no pain-no gain” е прогласен за мит кој предизвикува најмногу штета.

 

Иако живееме во време каде сите информации се лесно достапни, не секогаш тие информации се точни. За да не бидеш жртва на лоши совети, а и за да ги постигнеш посакуваните резултати, потребно е да ги применуваш вистинските и релевантни информации и совети.

Затоа, редовно менувајте ја вашата рутина за вежбање, секогаш кога ќе почувствувате болка направете пауза, одберете ја онаа здрава исхрана која најмногу му одговара на вашето тело и секогаш внимателно со вежбањето.

Се гледаме на плажа, сите згодни, здрави и витки! 🙂