How about a bike ride?
Конечно го дочекавме убавото време и сонцето најпосле реши да ни се насмевне.
Освен забавата, леснотијата и финансиските придобивки, постојат уште 1001 причина зашто е неопходно да започнеш патот до работното место да го поминеш на две тркала – à la велосипед.
Ние ги издвоивме оние најбитните, а оставаме на тебе да го грабнеш велосипедот и право на работа. ☺
- Позитивен почеток на денот
Започни го денот насмеан/а и добро расположен/а. Најголемите сообраќајни метежи се кога одиш на работа, а те чекаат и кога ти завршува работниот ден. Затоа сите фрустрации околу гужвите по улиците, комплетно ќе ги одбегнеш доколку го замениш твоето возило за велосипед.
Плус придобивка: Нема да губиш време во барање паркинг место или да се нервираш за паркинг казните.
- Во здраво тело, здрав дух
Велосипедот во суштина претставува бесплатен кардио тренинг на тркала. Во игра тука е и мултитаскингот – во исто време одиш на работа, согоруваш калории (дури до 200, Јејјј ☺) и внимаваш на крвниот притисок . Резултатот е одлична линија и витко тело. Двојно поголем ефект за двојно помал труд? – Да, Ве молам!
- Чао, чао, досадни настинки и боледувања
Bike ride a day, keeps the doctor away! Освен придобивките врз нашето тело, патувањето до работа со велосипед му помага и на нашето здравје. Секојдневното возење велосипед го намалува стресот и анксиозноста, ја лечи несоницата и ги подобрува симптомите на депресија. На кратко, велосипедот се грижи за твоето ментално и физичко здравје, што значи помалку болни и депресивни денови за тебе.
- Генијалец на две тркала?
Научно е докажано дека возењето велосипед нѐ прави попаметни! Добро, нема да те претвори во Ајнштајн преку ноќ, но според последните истражувања (да, ова е научно поткрепено) секојдневната физичка активност до работа и назад го подобрува мозочниот перформанс, ја подобрува меморијата и концентрацијата, помага при учењето и те прави подобар работник!
- Зелена планета за сите!
Можеби најважниот „нуспродукт“ од возењето велосипед е почиста средина. Велосипедот не работи на бензин, не користи штетни батерии, а и неговата изработка чини многу помалку отколку онаа на автомобилите (и во еколошка смисла, а и финансиска). Првенствено, велосипедот не емитува штетни материи, а со тоа не го загадува воздухот. Уште една круцијална мотивирачка причина патот до работа да го извозиш со велосипед.
- И заштедата не е лоша…
Економичноста и ефикасноста се најпримамливите карактеристики на возењето велосипед до работа. Слободно може да се збогуваш со трошоците за бензин, астрономските трошоци за паркинг, па дури заштедуваш и на одржувањето на твојот автомобил, осигурувањето и повремените поправки.
Па затоа – како и да погледнеш возењето велосипед е одлична инвестиција. Се заштедува на време и финансии, придонесува за подобро здравје, а и за одржување на топ форма за престојните летни одмори. Но сепак, најмотивирачки е тоа што велосипедот те прави посереќен и порасположен и можеби најбитното од се е тоа што помага за зачувување на почиста околина и воздухот кој го дишеме.
Не треба да се мисли многу, ајде сите на точак!