Hello!
Здраво на сите!
Ви го претставуваме нашиот блог, наменет за секојдневниот човек кој се грижи за своето здравје, добра физичка форма и целокупна благосостојба.
Овде ќе најдете најразлични теми – тренинг и спорт, суперхрана и здрави рецепти, спортска суплементација како и рехабилитација, релаксација и нега.
Ќе се обидеме подлабоко да ги истражиме и да направиме разлика меѓу вистинските методи и навики на здравиот животен стил и помодарските диети и програми во „лудилото“ во кое се наоѓаме сите ние „обични смртници“ кои се обидуваме да останеме здрави и фит.
Нашата цел е да „пробиеме“ по некоја финта која ќе ви помогне во секојдневните напори во потрагата по здравје, фитнес и благосостојба. Заедно, ќе пробаме да изнајдеме начини да купуваме, готвиме, тренираме и да се однесуваме на начин кој поддржува поздрав животен стил.
Предупредување: Овој блог не е пишуван од беспрекорни фитнес тренери, нутриционисти, професионални спортисти или медицински лица. Овој блог го пишуваме ние кои и самите сме се нашле во трка со времето, во борба со ресурсите, па и волјата, обидувајќи се да се одлучиме што е што меѓу илјадници совети и препораки од пријатели, сали за вежбање, утрински ритуали, козметички салони, медицински центри, но и народни лекови.
Затоа, ако некогаш сте се искачиле на Водно за да ја избистрите главата…
Сте ги постирале истрчаните 5К на фејсбук зашто сте биле горди на успехот…
Ако некогаш сте биле во сала за вежбање додека вашите пријатели биле во кафана…
Или пак сте отишле во салата бидејќи заглавивте во кафана… 🙂
Ве покануваме да го посетувате нашиот блог, да ни испраќате коментари и предлози, и да ги споделувате вашите борби и триумфи. Не сте сами.
Искрено,
Тим Моментум