Fitness Missleads

downloadНе постои почетник кој не се изгубил во сите „прави го ова“ и „немој да го правиш ова“ кога за прв пат ќе почне да вежба. Што е право, и оние средно-искусните се понекогаш преплавени и збунети од различни совети и правила околу исхраната, вежбањето и суплементацијата. Тука сме да разбиеме неколку заблуди кои (некои основано, а некои неосновано) некогаш биле прифатени во фитнес заедницата …или заедницата, генерално.

Не мора да држите диета. Диетите кои во основа се базираат на внесување помалку калории или избегнување на одредени производи, во суштина го забавуваат метаболизмот и телото го ставаат во позиција на хибернација. Диета, во смисла на внимателно избалансирано внесување на правилни хранливи состојки, може.

Јадете јаглехидрати. Избегнувањето на јаглехидратите за луѓето кои активно тренираат е фитнес самоубиство. Јаглехидратите се сложени шеќери кои на телото му ја даваат неопходната енергија за продолжен напор. Луѓето не се дебелеат затоа што јадат леб и други тестенини, туку затоа што јадат премногу, пречесто или погрешен вид на јаглехидрати. Доколку постојано тренирате без внесување на јаглехидрати, телото не е во состојба да се регенерира и ве остава изнемоштени и раздразнети.

Слабеењето не се заснова само на кардио. Зависно од вашата цел, кардио тренингот може да биде контрапродуктивен. Кардио вежбите се одлични штом стекнете кондиција и сила правилно да ги изведете. Навистина се губат многу калории додека сте на кардио справата, но тоа е само во моментот додека вежбате. Кревањето тежина, од друга страна пак, согорува калории и во моментот на вежбање, но и потоа што придонесува за побрзо согорување на мастите.

Не постојат магични вежби за намалување на масните наслаги. Мастите се намалуваат првенствено со здрава исхрана, а вежбите ги дефинираат, растат или зајакнуваат мускулите. Без разлика кој е проблематичниот дел од вашето тело – нозете, колковите, стомакот или рацете, сигурно нема да се намалат доколку конкретните вежби ги правите повторно и повторно и повторно. Затоа, фокусирајте се на намалување на тежината преку поздрав начин на исхрана, во комбинација со кардио тренинг и тренинг на сила и издржливост. Откога ќе загубите голем дел од тежината, тогаш можете да почнете со одредени вежби за да ги дефинирате мускулите на проблематичните делови и да го добиете изгледот кој го посакувате.

Жени, дигнете некој тег. Жените често повторуваат вежби со 2-5 кг, тренираат напорно, но не добиваат никакви резултати. Проблемот е што се уште се плашат од митот дека кревањето тешко ќе ги направи мускулести и набиени. Напротив, тежината е тоа што придонесува за тониран изглед на телото. Но, поради различната распределба на хормоните, за жените е исклучително тешко да ја развијат мускулната маса како и мажите. Затоа девојки, не срамете се да почнете со чучњеви, исчекор, мртво дигање и други вежби (…за тонирање на задница 😉 ).

Не треба да се чувствувате истоштени после добар тренинг. Нема ништо лошо во тоа да чувствувате мала болка во мускулите, всушност тоа е и нормално кога одредена мускулна група повторно сте ја предизвикале со нови вежби или поголема тежина. Но постојаното чувство на малаксаност е огромен показател дека после тренингот не закрепнувате доволно. Имајте го тоа на ум! Ќе ја постигнете својата цел само доколку адекватно се одморате.

Правилната суплементација е важна. Суплементите се додатоци во исхраната кои не го заменуваат внесувањето на храната. Секој кој тренира повеќе од два пати неделно, потребно е правилно да ги храни мускулите за да го стопи масното ткиво и да изгради цврсто, тонирано тело. Преинтензивни тренинзи без суплементација ќе го ослабат мускулот, што е спротивно на она што сакате да го направите. Запомнете дека магични решенија и брзи промени не постојат. Останете доследни на кревањето тежина, јадете здрава храна, и консултирајте се со искусен фитнес тренер или доктор по спортска медицина околу правилна суплементација – таа е различна за секој организам, интензитет на тренинг, цели, и животен стил!

Health-and-Fitness-Class-Guide